Повеќе информации за здружението Цел на ЗПРМ ќе биде едукација на членството преку организација на состаноци и конгреси посветени на области од пулмологијата и респираторната алергологија и сродните дисциплини како што се: инфективните белодробни болести, белодробната онкологија, белодробните фибрози, пулмоналната рехабилитација, предоперативната припрема на болните со респираторни заболувања итн. Исто така ЗПРМ планира да организара на тренинг курсеви со учество на меѓународни предавачи со кои учесниците би се стекнале со практични знаења како на пример: курс за ехосонографија на граден кош, курс за респираторна алергологија, курс за белодробна рехабилитација, курс за бронхоскопија итн. ЗПРМ ќе организира активности по повод светскиот ден на астмата, ХОББ, ретките белодробни болести, денот без тутун итн. ЗПРМ ќе се превзема активности за медиумска и општествена поддршка за подигање на свесноста за штетните последици од консумирање на тутун особено кај младата популација. Исто така ЗПРМ ќе апелира и превзема активности за подигање на свесноста за здрава животна средина и чист воздух и планира да биде видлив општвествен чинител пред Министерството за здравство со советодавна и едукативна улога за штетните последици од аерозагадувањето. Една од целите на ЗПРМ е проширување на соработката со респираторните здруженија од регионот, Европа и светот и поттикнување на активно учество на нашите членови на нивните собири. Со ова би се овозможиле погодности за членовите на ЗПРМ за редуцирана членство во соодветните здруженија и намалена котизација за учество на конгресите и стручните состаноци. Здружението ќе се труди преку овие контакти да овозможи доедукација на заинтересираните членови на ЗПРМ. Здружението има за цел создавање на регистри за различни респираторни заболувања со што би се овозможил точен увид во преваленцата на респираторните заболувања во нашата земја. ЗПРМ ќе земе учество во обнова на водичите за третман на респираторните болести синхронизирано со медицината базирана на докази и нивна адаптација во согласност со нашите можности за превенција, дијагноза и третман, имајќи ги во предвид пристапноста на човечките и матерјални ресурси, можностите за дијагностика и регистрираната терапија во нашата земја.